featured

(видео) ФСБ: Уапсен регрутерот за терористичкиот напад во Москва  

Три лица осомничени за поврзаност со терористичкиот напад во концертната сала „Крокус сити хол“ во Москва минатиот месец се приведени денескс, објави Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ).

Сите тројца уапсени потекнуваат од Централна Азија – двајца се странци, а третиот е руски државјанин- а апсењата се извршени во Москва, Екатеринбург и во Омск, според соопштението од ФСБ.

Еден од уапсените, наводно, бил директно вклучен во регрутирањето на четворицата вооружени лица кои го извршија нападот во „Крокус сити хол“ во Москва пред две недели. Тој, исто така, се занимавал со финансирањето на операцијата.

Двајцата други осомничени донирале за набавка на огненото оружје и за возилото што го користеле терористите.

ФСБ објави снимка од трите апсења, но не ги покажа лицата на ниту еден од осомничените.

Четворицата осомничени вооружени напаѓачи на „Крокус сити хол“ беа приведени неколку часа по нападот кој однесе повеќе од  140 животи. Руските органи на прогонот претходно известија за неколку други апсења поврзани со масакрот.

Руските власти соопштија дека сторителите биле радикални исламисти иако злосторството можеби го организирале украинските специјални служби, кои ги користеле како пиони. Киев и неговите западни поддржувачи ги отфрлија тие наводи.

Москва тврди дека има докази за можна поврзаност, вклучително и трансфери на пари кои потекнуваат од украинските националисти.

„Дури и сега е очигледно дека Украинците имаат вмешано прсти тука. Особено затоа што вмешаноста на Украина во други терористички напади на руска територија веќе не е доведена во прашање“, истакна денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров , посочувајќи ги атентатите на новинарката Дарја Дугина и блогерот Владлен Татарски како меѓу примери на украинскиот тероризам.