featured

Залутан предмет од МВС пробил куќа на Флорида, нема повредени

Предмет од Вселената, поточно најверојатно од Меѓународната вселенска станица – МВС, паднал врз семејна куќа на Флорида, пробивајќи го покривот и два ката.

Се работи за парче вселенско-орбитална опрема, веројатно дел од батерија што отпаднал од МВС, како што се верува, т.е. од Земјината Орбита „залутал“ во атмосферата на Земјата, навлегувајќи во воздушниот простор над Мексиканскиот Залив. Неколку минути подоцна завршил во куќа во Нејплс, Флорида, САД. Астрономот Џонатан Мекдауел објави фотографии од објектот што се забил во приватната куќа. Во несреќата нема повредени, објави „АОЛ”.

Сопственикот на оштетената куќа во мигот на несреќата бил на годишен одмор, но во куќата бил неговиот син кој му се јавил и го известил за настанатата штета.

Веста за кусо време стигнала до НАСА, чии претставници го презеле предметот заради анализа и утврдување на неговото потекло. Тој сега се чува и се испитува во Вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида.