featured

Раиси: Нападот на Израел врз иранскиот конзулат во Сирија е знак на очај и беспомошност

Претседателот на Иран, Ибрахим Раиси, го оцени неодамнешниот израелски напад врз иранската дипломатска мисија во Дамаск како „еден од последните обиди на ционистичкиот режим да ја избегне смртта“, пренесува „Тасним“.

Во вчерашниот телефонски разговор со сирискиот претседател Башар ал Асад, Раиси го опишал израелскиот терористички напад врз конзуларното одделение на Иранската амбасада во Дамаск како знак за длабочината на очајот и на беспомошноста на ционистичкиот режим.

„Несомнено, овој режим и неговите поддржувачи ќе бидат казнети за овој терористички чин и за брутални злосторства во Појасот Газа, а казната за сторителите на ова злосторство е дефинитивна и непроменлива“, додаде Раиси во изјавата објавена на неговата официјална веб-страница.

Раиси истакна дека Иран и Сирија отсекогаш го сметале Израел за „канцероген тумор“ кој ги нарушува безбедноста, мирот и стабилноста во регионот и во светот.

Асад, од своја страна, изрази сочувство до владата во Техеран, Иран и до семејствата на жртвите од израелскиот напад на иранската дипломатска зграда во Дамаск.

„Невиденото злосторство на ционистичкиот режим во терористичкиот напад врз Амбасадата на Исламската Република Иран не само што претставува кршење на меѓународните закони, туку ги покажува и кулуминациата на дрскоста и на моралната дегенерација на овој режим и низата агресии и злосторства во Палестина, Либан и во Сирија“, посочи тој.

Во израелски напад во понеделникот во Дамаск загинаа 13 лица, меѓу кои седум членови на Иранската револуционерна гарда(ИРГЦ). Во нападот загинаа и шест сириски државјани.