featured

СЗО: Многу пациенти од „Ал-Шифа“ во Газа ќе умрат ако не бидат евакуирани

Многу пациенти од уништената болница„ Ал-Шифа“ во градот Газа ќе умрат ако не бидат веднаш евакуирани, предупреди денеска генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус, пренесува „Ројтерс“.

Тој рече дека евакуацијата е бавна и мора да се забрза, потсетувајќи дека само 10 од 36-те болници во Појасот Газа сè уште се делумно функционални.

Претставникот на СЗО за Западниот Брег и Газа, Ричард Пајперкорн, рече дека уништувањето на болницата „Ал Шифа“ ќе остави илјадници Палестинци без здравствена заштита и дека пациентите ќе мора да бидат префрлени во здравствените установи во северниот дел на Појасот Газа, чие функционирање исто така е сериозно компромитирано.

Израелските сили, кои ја напуштија болницата „Ал Шифа“ во понеделникот по двонеделна операција, приведоа стотици осомничени палестински милитанти и оставија зад себе голем број уништени згради.

Израел соопшти дека убила стотици борци на Хамас кои биле стационирани во болницата. Хамас и медицинскиот персонал негираат дека биле присутни борци. Пред војната, „Ал-Шифа“ беше најголемата болница во Појасот Газа со 750 кревети и многу операциони сали.