featured

Уште 250 војници на ЕУФОР пристигнуваат во БиХ

Командантот на ЕУФОР, генерал-мајор Ласло Штиќ, најави дека следната недела во БиХ ќе пристигнат 250 припадници на ЕУФОР кои доаѓаат од Франција и ќе ги комплетираат силите составени од војници од Италија и Романија, пренесува „Срна“.

Тие ќе учествуваат во вежбата наречена „Мелегер“, а како што рече Штиќ, војниците доаѓаат да се запознаат со Босна и Херцеговина и со процедурите што се спроведуваат во ЕУФОР и сето тоа за да можат брзо да се интегрираат во составот на оваа воена организација.

„Тие ќе се обучуваат заедно со силите на ЕУФОР и со припадниците на вооружените сили на БиХ и на овој начин ќе се подобри соработката меѓу ЕУФОР и вооружените сили на БиХ“, рече Штиќ,.

Во деновите пред вежбата, граѓаните на Босна и Херцеговина може да очекуваат зголемено движење на војници и транспорт на опрема на резервните сили на ЕУФОР, најави министерот за одбрана во Советот на министри, Зукан Хелез.

Вака НАТО очигледно одговори на повиците на Денис Звиздиќ, заменик-претседател на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ, кој на крајот на декември побара итно распоредување на трупите на ЕУФОР и на НАТО во областа на дистриктот Брчко.

На тоа, министерот за безбедност во Советот на министри,Ненад Нешиќ, му порача дека е подобро да се поканат инвеститори во БиХ, а не војници на НАТО.

Силите на ЕУФОР се распоредени во Босна и Херцеговина од 2004 година, така што оваа мировна мисија е најдолгата воена операција на ЕУ, а во моментов има околу 1.100 војници.