40
Убиството на полицаец во Лозница нема долгорочни последици во односите меѓу Косово и Србија, смета Душан Јањиќ од Форумот за етнички односи, но вели дека моментот треба да се искористи за да се решат некои прашања кои се избегнати за долго време и пред се прашањето за размена на информации поврзани со организираниот криминал и прашањата за човековата безбедност.
Сите показатели, од авторот, мрежата со која се движел при бегството од затворот во Косово и на крајот пресметката со полицијата, зборуваат за вистински криминални мотиви, изјави Јањиќ, пренесоа косовските медиуми.
„Нема сомнеж дека бил целосно свесен дека се убива полицаец кој ја вршел службената должност. Овој политички момент се наоѓа во сопствената биографија на авторот, тој бил припадник на ОВК. Но, неговата работа, справувањето со марихуаната и неговото бегство, и кога ќе ги видите тие канали кои му помогнале, всушност е балканската рута на продажба на марихуана и дрога, кога доаѓа од Италија преку Албанија, Косово, Црна Гора, Србија и можеби целта му била да избега некаде во Шпанија или Германија. Така што овој политички момент, кој го потенцираше и шефот на српската дипломатија, не функционира. Ова не може да се земе како доказ за терористичка активност од територијата на Косово против територијата на Србија“, рече Јањиќ.
Тој нагласи дека е „неверојатно“ како ЕУЛЕКС не ја завршил својата работа во последните две години.
„Тој едноставно се гледа себеси како служба која ја прави косовската полиција поефикасна, многу малку се меша во размената на податоци меѓу полицијата на Србија, Косово и истражните органи. Да го земеме случајот со убиството на Оливер Ивановиќ или Бањска. Дачиќ и владата во иднина да побараат од некој Лајчак, Борел, ова да биде тема на разговор. Таму ЕУЛЕКС е многу неопходен во размената на податоци, кога станува збор за криминалот, човечката безбедност, злосторствата врз жените и слично“, рече Јањиќ.
Тој нагласи и дека НАТО е оптоварен од воен аспект, а Србите, како што вели, во моментов се навистина загрижени за безбедноста, односот со полицијата и криминалот. Тој додава дека од 2013 година воопшто не се разговара за безбедноста и кога ќе се случат вакви случаи, тогаш почнува политизација и потоа секој оди на свои избори додека граѓаните гинат.
„Убиството е од криминални причини, но има и политички последици, особено кога тоа се случува во оваа ситуација на албанско-српските односи. Политичките последици секогаш постојат и кога се во прашање меѓуетничките односи мора да се биде внимателен. Затоа, важно е ова да не прерасне во конфликт, бидејќи нема да најдеме решение, нема да ја добиеме правдата. Овој човек беше убиен, но мрежата што го носеше нема да се открие и сигурен сум дека неговото бегство е дел од организиран криминал, ова не е само кривично дело, има многу инволвирани“, смета Јањиќи.
Тој нагласи дека ако во Митровица – од каде Хајризи избега од затвор – „имате таква репресија и ефикасност на косовските полициски сили кога треба да затворат аптеки, да ги предадат фирмите на косовската агенција за приватизација, ова предизвикува нова дистанца на Србите од оваа полиција и го предизвикува тоа дополнително чувство на закана“.
„Не треба да се исклучи националистичката мотивација, но прво треба да се соберат сите податоци и број еден е да се дојде до фактите. Без ЕУЛЕКС ова нема да можеме“, заклучува Јањиќи.