Десет лица се повредени кога вчера наутро по локално време се запали ескалатор на меѓународниот аеродром Џон Кенеди во Њујорк.
Терминалот осум мораше привремено да биде евакуиран, а доцнеа и некои меѓународни летови, пишува CBS News.
Аеродромските власти велат дека терминалот оттогаш продолжил со нормална работа, но патниците секогаш треба да проверуваат кај нивните авиокомпании за статусот на летот.
Терминалот осум е дом на неколку меѓународни авиопревозници, вклучувајќи ги American Airlines, British Airways, Cathay Pacific, China Southern, Finnair, Iberia, Japan Airlines, Level, Kantas, Qatar Airways и Royal Jordanian.
Противпожарната служба на Њујорк соопшти дека пожарникарите реагирале на извештаите за чад веднаш по 7 часот и го нашле ескалаторот запален.
Терминалот е евакуиран поради чад, а 990 луѓе се превезени со автобус до друг терминал, соопштија аеродромските власти.
„Луѓето почнаа да здивнуваат, други френетично гледаа наоколу бидејќи видоа огромен црн чад како доаѓа кон нив“, изјави патничката Елена Делгадо за CBS New York.
Делгадо рече дека го чекала својот лет за Тексас на вратата кога започнал хаосот, додека патниците чекале инструкции од персоналот на аеродромот.
„Околу 20 минути подоцна сите сè уште бевме на аеродромот. Луѓето се обидуваа да излезат, а персоналот што работеше на аеродромот ни велеше да не поминуваме низ излезните порти и да чекаме наоколу“, рече таа.
Нејзиниот татко ја чекал и цело време разговарале на FaceTime.
„Видов чад. Видов голема количина чад од врвот до подот, а тој брзо се движеше“, изјави Феликс Делгадо.
Истрагата за причините за пожарот е во тек.