Економијата на САД забрза во вториот квартал, поддржана од стабилната лична потрошувачка и силно закрепнување на извозот, покажаа денеска проценките на Министерството за трговија.
Во трите месеци до крајот на јуни американскиот бруто-домашен производ (БДП) е зголемен за 3,1 отсто во однос на истиот период лани, се наведува во извештајот на Министерството. Во првиот квартал од годинава е зголемен за 2,9 отсто на годишна основа.
На квартално ниво, економската активност порасна за 0,7 отсто, што е речиси двојно посилно од почетокот на годината.
Годишната стапка на раст, која покажува колку БДП би пораснал пред една година доколку растеше со истата квартална стапка во секој квартал како и во последните три месеци, во вториот квартал изнесуваше 2,8 отсто. Во првиот квартал од годинава беше за половина пониско и изнесуваше 1,4 отсто.
Личната потрошувачка, столбот на најголемата светска економија, се зголемила во периодот од април до јуни за 2,5 отсто во однос на истиот период лани, по 2,2 отсто раст на почетокот на годината. Американците направиле значително повеќе купувања првенствено на моторни возила и апарати за домаќинство, се вели во извештајот.
Извозот скокна за 3,5 отсто, по речиси стагнација во првите три месеци од годинава, по скокот на стапката на испорака на стоки, покажуваат табелите на министерството. Во првиот квартал извозот на стоки е намален за 1,1 отсто.
Бруто приватните домашни инвестиции се зголемени за 5,8 отсто во однос на истиот период лани, по раст од 5 отсто во првите три месеци од годинава, како одраз на растот на инвестициите во станбени недвижности, со слична динамика како на почетокот на годината.
Годишната споредба покажала и стабилен раст на државната потрошувачка, која во периодот од април до јуни, како и во првите три месеци, изнесува 3,8 отсто, покажуваат пресметките на американското Министерство.