Најмалку седум нигериски војници загинаа во експлозија на мина на автопат во државата Борно, жариште на бунтовниците од Боко Харам, соопшти денеска полицијата.
Шаибу Муса, локален полицаец кој помага во борбата против бунтовниците, рече дека воено возило се движело по патот што ги поврзува селата Монгуно и Бага во четвртокот кога возилото активирало импровизирана експлозивна направа.
Друг безбедносен функционер, Иса Букар, додаде дека експлозијата се случила во четвртокот наутро, откако војниците во патрола активирале мина, при што загинале седум од нив, пренесува Ројтерс.
Нигерија се соочува со голем број безбедносни предизвици, вклучително долготраен исламистички бунт на североисток, сепаратистичко насилство на југоисток, раширена кражба на нафта во делтата на Нигер и киднапирање за откуп од криминални банди.