Само неколку часа пред церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз, француската железничка компанија SNCF објави дека брзата железничка мрежа претрпела напади од вандали со цел да го парализира системот.
Беа подметнати пожари на неколку брзи линии западно, северно и источно од Париз и инсталациите беа уништени, а се создаде метеж на станицата Монпарнас, каде што тргнуваат возовите кон западот на земјата од француската престолнина.
Министерот за транспорт, Патрис Вержије, остро го осуди „криминалниот чин“ за кој рече дека ќе влијае на планираните патувања и одмори на луѓето.
Голем број возови беа откажани, а SNCF предупреди дека ситуацијата може да трае „барем цел викенд додека се вршат поправки“.
Министерката за спорт Амели Удеа Кастера го опиша нападот како „страшен“, додавајќи дека моментално се проценува влијанието врз граѓаните и спортистите кои ќе учествуваат на Олимпијадата.
Повеќе од 300.000 гледачи се очекуваат во петок во срцето на Париз на свеченото отворање каде илјадници олимписки спортисти ќе пловат по реката Сена.
SNCF соопшти дека пожарите биле подметнати за да ги оштетат нивните објекти.
Извршниот директор Жан-Пјер Фаранду процени дека 800.000 патници биле погодени од нападот.
Извор близок до истрагата изјави за АФП дека нападот вклучувал акти на „саботажа“.