Владата неодамна ги соопшти износите на платите на сите министри. Очекувано, највисока плата има премиерот Христијан Мицкоски и таа изнесува 140.450 денари. Министрите во Владата имаат плати во износ од 115.560 денари.
За тоа дали овие плати се високи или реални за вршителите на најодговорните државни функции, 24инфо.мк ги праша граѓаните преку видео анкета.
Мнозинството од граѓаните велат дека ваквите плати се премногу високи и дека треба да има корекција односно нивно намалување.
„Треба да се намалат а ако не се намалат, треба на сите исто да им се зголемат платите“ вели еден граѓанин.
Некои од граѓаните со иронични коментари дека платите на фунцкионерите треба да се зголемат уште повеќе, а некои пак даваат предлог министрите да се обидат да преживеат еден месец со просечна пензија.
„Мојата пензија да им ја дадам, па нека преживеат, не многу, еден месец нека протуркаат, па да видиме дали ќе искочат на крај“ вели една граѓанка.
Инаку со одлука на Уставниот суд платите на функционерите се зголемија за 78 проценти, а ВМРО-ДПМНЕ како опозиција ветуваше нивно намалување, но досега ова прашање се уште не стигнало на дневен ред во Владата.
Како што утринава објавивме, премиерот Мицкоски со плата од близу 2.300 евра, е втор најплатен премиер во регионот, а поголема плата од него има само албанскиот премиер Еди Рама.