11
Во Србија во првиот квартал од годинава е продаден најскапиот стан во белградската општина Врачар, по цена од 1,22 милиони евра, соопшти Републичкиот геодетски завод на Србија. Најскапата куќа е продадена во белградската општина Савски Венац за 3,18 милиони евра. На Врачар е продаден и најскапиот стан по метар квадратен во првиот квартал од 2024 година. Тој чинел 10.350 евра, за метар квадратен, се наведува во соопштението.
Најскапо платен гаражен простор во првите три месеци од годинава е гаражниот простор во Врачар, за кој биле платени 73.000 евра, додека најскапата цена за деловен простор изнесува 3,09 милиони евра и е платена во општина Савски Венац, исто така во Белград.
Вкупниот износ на пари за купување недвижен имот во Србија во првите три месеци од годинава изнесува 1,5 милијарди евра, што е за 2,6 отсто помалку во однос на истиот период од претходната година, објави РГЗ.
Како што се наведува, од вкупно 1,5 милијарда евра, 456 милиони евра се од делумно регулираниот пазар, односно продажба на недвижности што не се запишани во катастарот на недвижности. Најголемо учество во вкупниот промет на недвижности има продажбата на станови (834 милиони евра), со учество од 56 отсто од вкупната истргувана вредност.