Најмалку 36 лица загинаа во лизгање на земјиштето што утринава ја зафати јужната индиска држава Керала, објави државен претставник.
„Потврдена е смртта на 36 лица поради лизгање на земјиштето во областа Вајанад“, изјави за новинарите окружниот претставник Д.Р. Мегасри.
Претходно беше објавено дека најмалку десет луѓе загинале во лизгање на земјиштето предизвикано од монсунските дождови во државата Керала, а се стравува дека стотици се затрупани.
Подоцна, министерот за здравство на таа земја потврди дека има најмалку 36 мртви, дека нивните тела се во болнички мртовечници и дека спасувачките операции продолжуваат.
Одрони ги погодија планинските села во областа Вајаџад во државата Керала рано утринава, уништувајќи многу куќи и еден мост. Спасувачите работат на извлекување на луѓето затрупани во кал и остатоци, но нивните напори се отежнати поради блокираните патишта и небезбедниот терен, пренесува агенцијата АП.
„Стотици луѓе најверојатно се закопани“, соопшти армијата, додавајќи дека 225 војници биле испратени на местото на несреќата за да ги бараат и спасат преживеаните.
Индискиот премиер Нарендра Моди преку мрежата Икс напиша дека неговите мисли се со оние кои ги загубиле своите најблиски, дека се моли за повредените и ги повика лидерите на државата Керала да ја пружат сета можна помош.
Неколку повредени лица се префрлени во локалните болници.
Агенцијата за управување со катастрофи на Керала соопшти дека тимови од пожарникари и полиција од државата учествуваат во напорите за пребарување и спасување, заедно со армијата, и предупреди дека се очекуваат нови врнежи и силни ветрови во текот на денот.
Монсуни, неконтролирано уништување на шумите и спонтани развојни проекти во Индија се фактори кои доведуваат до зголемен број на жртви.
Силни бури поврзани со монсуните веќе ја погодија земјата на почетокот на јули оваа година. Делови од Мумбај се поплавени, додека најмалку десет луѓе загинаа во удар на гром во североисточната држава Бихар.
Во Керала, најмалку 25 луѓе загинаа во поплави и лизгање на земјиштето во 2021 година, а речиси 500 во 2018 година во најголемите поплави во индиската држава во повеќе од еден век.