Францускиот претседател Емануел Макрон потроши речиси 475.000 евра на раскошна вечера за кралот Чарлс Трети и кралицата Камила минатата година, кои создадоа „голема дупка“ во годишниот буџет, пишува Independent.
Во септември минатата година, Макрон приреди раскошна вечера во Салата на огледалата на палатата во Версај за британскиот крал и неговата сопруга, а менито вклучуваше син јастог, како и голем избор на француски и англиски сирења, пишува на Independent, повикувајќи се на највисокиот француски ревизорски суд.
Таа вечера чинела вкупно 474.851 евра.
На вечерта, меѓу другите, присуствуваа актерот Хју Грант, музичарот Мик Џегер и фудбалскиот тренер Арсен Венгер.
Во меѓувреме, во обид да го убеди Њу Делхи да купи повеќе француски подморници и борбени авиони, Макрон организираше и гала вечера во чест на премиерот Нарендра Моди во Лувр во јули 2023 година, која чинеше 412.000 евра, рече ревизорот.
Со оглед на зголемувањето на трошоците за претседателските патувања во странство, заедно со повисоките трошоци за државни приеми, трошоците на претседателскиот кабинет лани пораснале за 6,5 отсто, оставајќи буџетски дефицит од 8,3 милиони евра.