Военото крило на Хамас, бригадите Касам, го окарактеризира убиството на политичкиот водач на групата Исмаил Ханије како „опасен настан“ кој ќе има последици за целиот регион на Блискиот Исток и предупреди дека Израел „ќе плати со својата крв“ за агресијата.
„Криминалното убиство на водачот на Ханије во срцето на иранската престолнина е значаен и опасен настан што ја префрла битката во нови димензии и ќе има големи последици во целиот регион“, се вели во соопштението на Бригадата.
Се додава дека „злосторникот Нетанјаху, заслепен од илузиите на величественост, го води окупаторскиот ентитет кон бездната“ и го забрзува колапсот на Израел и неговото трајно отстранување од окупираните палестински територии, пренесува Ал Џезира.
Во соопштението се нагласува дека „континуираните злосторства“ на Израел резултираат со широка меѓународна поддршка за палестинскиот народ и неговиот отпор кон окупацијата.
„Непријателот направи грешка со проширување на опсегот на агресија, убивање водачи на отпорот на различни арени и кршење на суверенитетот на регионалните држави“, предупредија бригадите Касам.