Цивилната одбрана на Газа денеска соопшти дека во израелски напад врз училишен комплекс во градот Газа, десет лица загинале, а неколку се ранети, а израелската армија тврди дека тоа е „скривалиште на терористите на Хамас“.
Махмуд Басал, портпаролот на цивилната одбрана, во соопштение за печатот објави дека има „десет маченици и неколку ранети по израелското бомбардирање на училиштето Амам“ во главниот град Газа.
Тој додаде дека училишниот комплекс служел како засолниште за раселените од војната во Појасот Газа.
Израелската војска соопшти дека „погодила терористи кои дејствувале во командниот и контролниот центар на Хамас“, порано познат како Училиште Хамам, во северниот дел на Појасот Газа.
Таму наводно биле планирани и извршени разни терористички напади врз израелски војници.
Таму се произведувало оружје на Хамас и се складирало во тие области, се додава во соопштението на израелската армија, пренесе Франс прес.
Оперативците на Хамас биле обучувани во поранешното училиште пред нападот врз израелските војници, јавуваат израелските медиуми.
Израелската војска тврди дека презела чекори за минимизирање на цивилните жртви, вклучително и употреба на прецизна муниција, воздушно набљудување и разузнавање.
„Терористичката организација Хамас систематски го крши меѓународното право, брутално искористувајќи ги цивилните институции и населението како жив штит за терористички активности“, соопшти армијата.
Се додава дека во изминатите месеци израелската армија извршила десетици воздушни напади врз позициите на Хамас во училишта и други места кои биле користени како засолништа за цивили.