Австриец по потекло од Македонија е главниот осомничен за подготовка на терористички напад на концертите на пејачката Тејлор Свифт во Виена, потврдуваат австриските власти.
Полицијата соопшти дека тој целосно признал дека го планирал нападот.
Македонското Министерство за внатрешни работи постапува по барањето на австриските власти за негова проверка
Главниот осомничен за подготовка на терористички напад на еден од трите концерти на Тејлор Свифт закажани за денеска, утре и сабота во главниот град на Австрија, Виена, е од Македонија, соопшти австриската полиција на денешната прес-конференција.
Македонското Министерство за внатрешни работи потврди дека добиле барање од австриските власти за проверка на лице по потекло од Северна Македонија, кое е осомничено за планиран терористички напад во Виена.
МВР соопштува дека постапува по барањето на австриските власти за проверка на лице кое потекнува од таа земја и кое е осомничено за планиран терористички напад во Виена.
-Ве информираме дека австриските власти испратиле барање до МВР за проверка на лице со македонско потекло кое е осомничено за планиран терористички напад во Виена. Постапуваме по поднесеното барање“ – соопштија од МВР
Не откриваат никакви детали за кого се работи, ниту од каде во Македонија потекнува неговото семејство.
Австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер информираше дека не се трага по други осомничени.
„Ситуацијата беше сериозна, ситуацијата е сериозна. Но, можеме да кажеме дека трагедијата е избегната“, рече Карнер.
Полицијата соопшти дека главниот осомничен, 19-годишен Австриец од Македонија, целосно ги признал своите планови. Тие рекоа дека тој е „очигледно радикализиран во насока на Исламската држава и смета дека е правилно да се убиваат неверници“.
Пред неколку недели тој преку интернет му вети верност на актуелниот лидер на терористичката Исламска држава (ИД).
Австриските безбедносни власти објавија дека второосомничениот, 17-годишен австриски државјанин со турско и хрватско потекло, бил уапсен од специјални полициски сили во близина на стадионот на кој оваа недела требало да се одржат концерти.
Имињата на осомничените не се објавени
Австриските безбедносни претставници велат дека двајцата млади луѓе сакале да извршат напад надвор од стадионот, убивајќи што е можно повеќе луѓе, користејќи ножеви или рачно изработен експлозив.
Второосомничениот пред неколку дена бил вработен во фирма која давала услуги на местото на концертот. Инспекторите рекоа дека во неговиот дом пронашле обемен материјал поврзан со терористичките организации Исламска држава и Ал Каеда.
Генералниот директор за јавна безбедност во МВР на Австрија Франц Руф изјави дека при вчерашниот претрес во куќата на првоосомничениот биле запленети повеќе хемиски супстанци и технички средства.
Во денешното интервју за јавниот сервис ОРФ, Руф рече дека истражителите ги проценуваат доказите одземени од куќите на осомничените.
„Двајца од уапсените се родени во Австрија, родителите на 19-годишникот се по потекло од Македонија, а мајката на 17-годишниот е Австријка“, рече Руф.
Тој потврдува дека имале дојава од странски служби, по што била спроведена истрага во комбинација со сознанијата на австриската разузнавачка служба. Тој не даде повеќе детали, како што се имињата на осомничените, во согласност со австрискиот закон за приватност.
По вчерашните апсења, австрискиот канцелар Карл Нехамер во објава на социјалната мрежа Х објасни дека безбедносната ситуација во врска со планираниот напад е многу сериозна и дека навремената реакција спречила голема трагедија.
Тој вели дека исламистичкиот тероризам ја загрозува безбедноста и слободата во многу западни земји и дека токму поради тоа нема да се откажат од вредностите како слободата и демократијата, туку се решени уште пожестоко да ги бранат.
„Овие вредности се основата на нашето општество и не прават отпорни на екстремизмот и тероризмот. Важно е да бидете внимателни, да застанете заедно и да преземете решителна акција против радикалниот исламизам“, напиша австриската канцеларка.
Ова не е првпат осомничен за терористички напад и симпатизер на Исламската држава да е по потекло од Македонија.
Еден од напаѓачите во терористичкиот напад во центарот на Виена, пред четири години, поседувал австриски и македонски пасош. Тој беше убиен од австриската полиција, но во претходниот напад загинаа 4 лица, а 17 беа повредени.
Илјадници разочарани фанови
Откажувањето на концертот од страна на Свифт разочара десетици илјади обожаватели, од кои многумина планираа да патуваат од целиот свет во главниот град на Австрија. Други веќе се запознаа со вестите доцна во средата.
Свифт требаше да настапи на стадионот Ернст Хапел во австриската престолнина во четврток, петок и сабота како дел од нејзината турнеја Ерас.
Организаторот на настанот Баракуда мјузик во објава на својот Инстаграм канал доцна во средата рече дека „немаме друг избор освен да ги откажеме трите закажани концерти за сечија безбедност“. Тие наведоа „потврда“ од владини претставници за планираниот напад на стадионот.
Стадионот во Виена е распродаден за планираните концерти, а за концертите во Австрија се очекуваат околу 170.000 фанови.