30
„Нема да има рудници“ – ова е пораката на протестот против ископот на литиум кој вечерва се одржува во центарот на Белград.
Протестот е организиран од Сојузот на еколошките организации на Србија, откако тамошната влада не го исполни нивното барање за усвојување закон во рок од 40 дена со кој се забранува копањето на литиум и отворање рудници во долината на реката Јадар во западна Србија.
Актерката Јелена Ступљанин на почетокот на протестот изјавил дека патриотизмот е борба за чист воздух, вода и земја.
„Ние сме заглавени во комфорот што го имаат големите градови. Купуваме овошје и зеленчук во продавница, но, не смееме да заборавиме дека некој таму ги обработува нивните ниви за да имаме храна. Тие луѓе во суштина живеат од природата“, рекла таа.
Насобраните носат транспаренти „Стоп Рио Тинто, нема да копаш“, „Не за копање, експлоатација, иселување“, „Рио Тинто заминувај од Србија“.
Ова е последен во низата од 50 собири на граѓани што започнаа на крајот на јуни во Србија, по повод најавата за отворање рудник за литиум во долината на реката Јадар на западот од земјата.
Српскиот Уставен суд на 11 јули ја поништи одлуката на Владата на Србија со која во 2022 година беше стопиран проектот „Јадар“ на британско-австралиска компанија „Рио Тинто“.
По повод протестите, се огласија и бројни државни функционери, кои се согласија со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во оценката дека главната цел на протестите е „рушење на власта“ на улица.
Вучиќ постојано зборуваше позитивно за проектот „Јадар“ и изјави дека рудникот за литиум на компанијата „Рио Тинто“ во Јадар треба да започне со работа во 2026 година, „доколку се обезбедат гаранции дека нема да има закана за животната средина и здравјето на луѓето“.
Од друга страна, еколошките активисти и дел од тамошната експертска јавност укажаа на несогледливи последици по животната средина.