По трагичната авионска несреќа во која загина 61 лице, бразилските медиуми јавија за патник кој поради доцнење не се качил на кобниот лет бидејќи во тоа бил спречен од вработен на аеродромот на полетување, со кој влегол во расправија.
Кога Адријано Асис дознал дека авионот се урнал, ја прегрнал вработената: „Ми го спаси животот“, рече тој и го извести своето семејство дека е безбеден.
Адријано Асис од Рио де Жанеиро можеше да биде еден од трагично загинатите патници во авионот што се урна вчера во бразилскиот град Винедо кај Сао Паоло. Сепак, тој не успеал да се качи во авионот бидејќи доцнел.
„Го испив кафето, чекав, ништо не кажаа на разглас. Кога стигнав до шалтер веќе беше 10:30, имаше многу гужва. Чекав до 10:41, кога службеничката ми кажа дека не можев да се качам во авионот бидејќи качувањето е завршено“, изјави тој за бразилската ТВ Глобо.
Се расправаше со него извесно време, но никој од нив тогаш не знаеше дека авионот ќе се урне нешто повеќе од еден час подоцна.
„Да не ја завршеше својата работа, можеби немаше да го дадам ова интервју денес“, им рече тој на бразилските новинари со треперлив глас.
Во авионот не се качиле уште двајца патници бидејќи се изгубиле на аеродромот. Еден од нив рече дека е „повторно роден“.
Вчера, авионот на компанијата Voepass беше на пат од јужниот бразилски регион Парана кон Сао Паоло, кога ненадејно се урна. Во авионот имало 57 патници и четворица членови на екипажот, а никој не ја преживеал несреќата.