На снимката од црната кутија од авионот што се урна во Бразил, при што загинаа 62 лица, се гледа како копилотот вели дека на авионот му треба „повеќе сила“. Авионот патувал од Каскавел до Сао Паоло кога се урнал на околу 80 километри од дестинацијата.
Сите луѓе во авионот загинаа, а никој на земјата не беше повреден. Властите кои ја истражуваат несреќата сега имаат црна кутија, но нејзината содржина не нуди јасна причина за несреќата, објави локалната ТВ Глобо. Станицата тврди дека го добила транскриптот, кој наводно опфаќа околу два часа снимки од црната кутија.
Се слуша како копилотот го прашува пилотот што се случува и вели дека на авионот му треба „повеќе сила“, според ТВ Глобо. Пилотот и копилотот забележале дека почнале да губат висина една минута пред леталото да удри во земјата, објави главната информативна програма на станицата Jornal Nacional. Се вели дека биле снимени и врисоци во секундите пред несреќата.
Властите соопштија дека на снимката не пронашле необични звуци, како што се оние што укажуваат на пожар или дефект на моторот.
Пилотите не пријавиле никакви проблеми или лоши временски услови, соопштија претходно властите.