Јапонија го укина предупредувањето за потенцијален „мегаземјотрес“, една недела откако беше издадено. Предупредувањето беше порака на луѓето да бидат претпазливи, но да не се евакуираат. Беше наведено дека веројатноста за силен земјотрес е поголема од вообичаената, но дека не е неизбежен.
Јапонската влада соопшти дека повеќе не бара од луѓето да преземаат посебни мерки на претпазливост. На граѓаните им беше кажано дека можат слободно „да се вратат на својот нормален начин на живот“. По предупредувањето, илјадници Јапонци ги откажаа планираните патувања и се снабдија со основни потреби.
Јапонската метеоролошка агенција нагласи дека не открила сеизмичка активност што би укажала на какви било загрижувачки промени во претпоставената област каде што може да се случи мегаземјотресот, објави новинската агенција Кјодо.