Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денес пристигна во посета на Израел со цел да се засили дипломатскиот притисок за постигнување договор за прекин на огнот во Појасот Газа следната недела.
Како дел од неговата десетта посета на регионот на Блискиот Исток од почетокот на војната во Појасот Газа, Блинкен во понеделник ќе се сретне со израелските лидери, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху, соопшти Стејт департментот.
По Израел, Блинкен ќе ги посети Египет и Катар. Претходно Блинкен ја одложи посетата на Блискиот Исток, која требаше да започне на 13 август, поради лошата безбедносна ситуација, објави американскиот портал Аксиос.
На 13 август Хамас истрела две ракети насочени кон Тел Авив, а Израел изврши воздушни напади врз Појасот Газа, при што загинаа 19 Палестинци во централниот и јужниот дел на енклавата.
Нова рунда преговори за прекин на огнот во Појасот Газа започна во средата во Доха, на покана и со учество на земјите посредници САД, Египет и Катар.