Авион на компанијата „Easyjet“ на летот од Крф до Лондон принудно слета на римскиот аеродром „Фјумичино“ поради силни турбуленции во средината на кои се повредени двајца членови на екипажот. Авионот бил потресен од турбуленции околу 20 минути по полетувањето од грчкиот остров во понеделникот, а патниците тврдат дека авионот „паднал 200 метри“, објави денеска британски Мирор.
Според извештаите, двајца членови на екипажот се подготвувале да послужат храна кога поради турбуленции удриле во ѕидовите на авионот, а еден од нив си ја скршил ногата.
„На летот на 19 август имаше турбуленции во кои, за жал, беа повредени двајца членови на кабинскиот екипаж. Како резултат на тоа, капетанот одлучил да го пренасочи летот во Рим, каде на стјуардесите им била укажана медицинска помош“, објави Easyjet.
Италијанската агенција за безбедност на воздушниот сообраќај, ANSV, соопшти дека започнала истрага за да се утврди дали турбуленциите биле ненадеен и непредвидлив настан, познат како „чиста воздушна турбуленција“.