Во Австрија од 1 март возачите можат да ги загубат своите возила доколку направиле сериозен прекршок. Сега таа законска одредба е активирана за прв пат и запленет автомобил оди на аукција.
Пред повеќе од една недела 17-годишниот возач возел со брзина од 198 км/ч на западниот автопат А1 кај Виена, каде дозволената брзина е 100 км/ч. Младиот човек морал на лице место да ја предаде возачката дозвола, а автомобилот Фолксваген Пасат му бил одземен.
Со оглед на тоа дека сторителот е и сопственик на возилото, австриското правосудство одлучило возилото да го продаде на аукција.
Иако овој возач може да поднесе жалба, има мали шанси за успех, а сојузната држава каде што е направен прекршокот има право на 30% од приходите од продажбата, додека останатите 70% одат во австрискиот фонд за безбедност на патиштата.
Во Австрија строги правила се во сила од 1 март. Секој што вози со 80 км/ч повеќе од дозволеното во населени места и 90 км/ч надвор од населени места, мора привремено да ја предаде возачката дозвола, а возилото ќе му биде одземено.