Германската војска обезбедува радарски податоци на полицијата која истражува сомнителни летови со беспилотни летала над индустриски парк во северна Германија, изјави денеска неименуван портпарол на германската територијална команда за Ројтерс.
Германските обвинители во четвртокот објавија дека започнале истрага за повторени летови со беспилотни летала над клучната инфраструктура во северна Германија под сомнение за шпионажа.
Државното обвинителство во Фленсбург започна прелиминарна истрага поради сомневање за „диверзантска активност на агенти во врска со повторени летови со беспилотни летала“, изјави високиот јавен обвинител Бернд Винтерфелд.
Винтерфелд рече дека не може да даде повеќе детали за истрагата поради прашања за националната безбедност.
Весникот „Билд“, кој прв ја објави истрагата, цитираше внатрешен полициски извештај во кој се вели дека зоната на забранети летови над нуклеарната централа била неколку пати нарушена овој месец.
Како што пишува весникот, властите на криминалистичката полиција на германската сојузна покраина Шлезвиг-Холштајн претпоставуваат дека се работи за руските дронови „Орлан-10“ кои имаат домет од 500 до 600 километри и можат да летаат со брзина поголема од 100 километри на час.