Снајперисти на руската гарда ги елиминирале затворениците кои ги држеле чуварите како заложници во затворот во Волгоград, соопшти за РИА Новости прес-службата на руската гарда.
„Снајперисти на специјалните сили на руската гарда во регионот на Волгоград неутрализираа четворица затвореници кои со четири прецизни истрели го зедоа затворскиот персонал како заложник. Заложниците се ослободени“, се прецизира во соопштението на руската гарда.
Претходно агенцијата ТАСС јави дека најмалку еден член на затворскиот персонал загинал, а четворица се повредени за време на бунтот во поправната колонија број 19 во регионот на Волгоград.
Рускиот информативен канал „Маш“ пишува дека затворениците, кои заробиле најмалку седум чувари, се „членови на џихадистичката Исламска држава (ИД)“.
На видеото што го објави Маш се појавуваат најмалку двајца напаѓачи, од кои едниот вика дека се „муџахедини“ на ИД и дека зазеле затвор во регионот на Волгоград.
На видеото се гледаат најмалку четворица затворски службеници како лежат или седат во локви крв.
Сите лежат неподвижни, а на едниот му е исечено грлото.
На видеото се гледа и дека затвореник му држел нож на вратот на еден од затворските чувари кој седел покрај вратата.
Според Маш, терористите побарале хеликоптер и два милиони долари и се заканиле дека ќе ги убијат сите заложници доколку бидат следени.
Според рускиот муфтија Дамир Мухетдинов, овој бунт можел да биде организиран од странство „за да се дискредитира линијата на рускиот претседател Владимир Путин за зајакнување на сојузничките односи со муслиманските земји“, пренесе ТАСС.
Затворската служба претходно соопшти дека затворениците ги зеле чуварите како заложници на состанокот на дисциплинската комисија.
Овој затвор е казнена колонија со строг режим во која може да се сместат до 1.240 машки затвореници.
За инцидентот бил информиран и рускиот претседател Владимир Путин.