Двајца пожарникари загинаа, а 14 лица, од кои 11 пожарникари се повредени, при гаснење на голем пожар во станбена зграда во полскиот град Познан, јавија денеска полските медиуми.
По избувнувањето на пожарот во зградата дошло до две експлозии, пренесе RMF24.
“Двајца пожарникари загинаа за време на операцијата за гаснење на пожарот во Познан. Почитувајте го нивниот спомен! Тие се вистинските херои на нашето време. За семејствата на жртвите ќе се грижи државата”, напиша полскиот премиер Доналд Туск на платформата X.
Пожарот избувнал во подрумските простории на зградата околу полноќ, а на терен по неколку минути пристигнале првите противпожарни единици, изјави претставникот на противпожарната служба Јозеф Галица.
Додека ја разгледувале ситуацијата, сепак дошло до неочекувани експлозии, по што пожарот брзо се проширил на катовите, како и на покривот од соседната куќа.
Претходно беше соопштено дека во подрумот на зградата експлодирала плинска боца, но од противпожарната служба не ја потврдија оваа информација.
Повредените пожарникари се хоспитализирани, како и еден жител на зградата и двајца случајни минувачи.