Милијардерот Павел Дуров, ко-основач и извршен директор на апликацијата за пораки Телеграм, беше уапсен на аеродромот Бурже надвор од Париз. 39-годишниот маж денеска ќе биде изведен пред суд, јави БГНЕС, повикувајќи се на ТВ ТФ1.
Дуров патувал со својот приватен авион, придружуван од неговиот телохранител и помошник. Тој отпатувал од Азербејџан и бил приведен околу 20 часот по локално време. Претприемачот со руско потекло живее во Дубаи, каде што се наоѓа Телеграм, а исто така е државјанин на Франција и Обединетите Арапски Емирати.
Француската агенција OFMIN, издаде налог за апсење на Дуров како координативна агенција во прелиминарната истрага за наводни кривични дела, вклучувајќи измама, трговија со дрога, сајбер-малтретирање, организиран криминал и промовирање тероризам.
Дуров е осомничен дека не презел мерки за ограничување на криминалната употреба на неговата платформа.
„Доста е со неказнивоста на Телеграм“, рече еден од истражителите, додавајќи дека е изненаден што Дуров доаѓа во Париз знаејќи дека по него се трага.