Русија по трет пат во последните четири дена го нападна украинскиот главен град Киев. Украинската противвоздушна одбрана собори повеќе од 10 беспилотни летала, изјави Серхи Попко, шеф на воената управа во Киев, пренесе Ројтерс.
Во меѓувреме, украинските сили објавија порака на Телеграм во која се вели дека го нападнале складиштето за нафта Атлас во руската област Ростов и складиштето за нафта Зенит во руската област Киров. Нападите кои се случија вчера предизвикаа пожари во двете складишта за нафта.
Во истата порака, украинската војска вели дека вчера нападнала и артилериско складиште во областа Воронеж.
Во исто време, гувернерот на Севастопол на островот Крим, Михаил Развозаев, изјави дека руската војска таму неутрализирала четири беспилотни украински авиони и три беспилотни украински чамци, пренесе ТАСС.
Регионалниот гувернер на руската област Белгород, Вјачеслав Гладков, објави дека едно лице е убиено во белгородскиот град Шебекино при гранатирање од Украина.