Пентагон најави дека ќе учествува во обезбедувањето на главните кандидати на претседателските избори во САД со цел да ја поддржи Тајната служба, чија работа е да штити важни политички фигури, пишува Франс прес.
Оваа одлука беше објавена повеќе од еден месец по атентатот на Доналд Трамп на 13 јули во Пенсилванија, голем неуспех на Тајната служба.
Поради тој инцидент, шефот на Тајната служба десет дена подоцна беше принуден да поднесе оставка.
„Министерството за одбрана ќе обезбеди дополнителна заштита“ до изборите во ноември и веројатно до церемонијата на инаугурација во јануари 2025 година, изјави за новинарите заменик портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг.
Во оваа насока, министерот за одбрана Лојд Остин одговори позитивно на барањето на министерството задолжено за Тајната служба, додаде таа, пренесува Бета.
На 13 јули, поранешниот претседател беше ранет во увото на неговиот изборен митинг во Пенсилванија, во обид за атентат кој го чинеше животот на еден посетител на митингот и повреди уште двајца.
Фотографиите на Доналд Трамп, со крв што му тече по лицето и крената тупаница, го обиколија светот.
Последиците од ова безбедносно фијаско не стивнуваат, па според американскиот печат, најмалку пет агенти на Тајната служба се привремено суспендирани.
Голем број вработени во Тајната служба од територијата на Пенсилванија се префрлени на административни работи – и тие да ги вршат од дома.