Тајфунот „Шаншан“ денеска предизвика силен дожд во поголемиот дел од Јапонија, поради што беа издадени предупредувања за можни поплави и лизгање на земјиштето на стотици километри од центарот на невремето, во кое загинаа најмалку три лица, а околу 80 беа повредени овие неколку дена.
Околу 125.000 домаќинства во неколку региони останаа без струја на југозападниот остров Кјушу, а имаше и прекин на сообраќајот и производството во фабриките, пренесува Ројтерс.
Со брзина која достигна 50 метри во секунда, или околу 180 километри на час, тајфунот „Шаншан“ покажа доволно моќ за да помести камиони.
Во меѓувреме, тајфунот ослабе и се сведе на ниво на тропска бура, а се движи на североистокот на земјата, носејќи бурен дожд.