Во Истанбул денеска е уапсен припадник на т.н. Исламска држава од страна на турската полиција. Тој е осомничен дека подготвувал бомбашки напад.
Според турската телевизија НТВ, антитерористичките единици започнале операција откако откриле дека ИД планира терористички напад во Истанбул. Истрагата открила дека осомничениот влегол во земјата нелегално, откако поминал терористичка обука во Сирија и дека делувал по наредба на високи функционери на ИД, кои му наложиле да го изврши планираниот напад.
За време на рацијата во неговиот стан во квартот Бајџилар на европската страна на градот, полицијата пронашла меч скриен под креветот на осомничениот и запленила многу документи и дигитални материјали поврзани со терористичката организација.
Турската влада ја прогласи ИД за терористичка организација во 2013 година, а турската полиција редовно спроведува антитерористички операции против нејзините припадници низ целата земја.