Најмалку 179 луѓе загинаа, а десетици илјади се раселени во текот на неколкунеделните поплави во Нигерија, објави Националната агенција за управување со вонредни состојби, пренесува Танјуг.
Најпогодени подрачја се седумте северозападни држави, каде во поплавите загинаа 89 лица, а оштетени се повеќе од 25.000 хектари земјоделско земјиште, додава агенцијата.
Претседателот Бола Тинубу рече дека е погоден од „вестите за уништувањето предизвикано од поплавите во заедниците и обработливото земјиште низ целата земја“.
Поплавите што го достигнаа својот врв во јули и август ги зголемија стравувањата за резервите на храна во земјата која неодамна се соочи со протести поради високите цени на храната и високата инфлација, пишува Ројтерс.
Проблеми во земјоделскиот сектор Обилните дождови придонесоа за проблеми во земјоделскиот сектор, а земјоделците ја напуштаат својата земја на североисток поради честите напади на милитантите.
Бројот на загинати сега е поголем од минатата календарска година, кога агенцијата објави 45 смртни случаи поврзани со поплавите.
Во 2022 година, Нигерија беше погодена од најголемата поплава во повеќе од една деценија, во која загинаа повеќе од 600 луѓе, раселени околу 1,4 милиони и уништија 440.000 хектари земјоделско земјиште.