Напаѓач со ладно оружје ранил пет лица во автобус во западниот германски град Зиген, јави ДПА, повикувајќи се на соопштение на германската полиција од вчеравечер.
Тројца од повредените се во критична состојба. Триесет и двегодишниот осомничен за нападот е уапсен.
Најмалку 40 луѓе биле во автобусот кој превезувал луѓе на фестивал во Зиген, кој е на околу 75 километри источно од Келн.
Полицијата во Зиген ги повика граѓаните „да не шират лажни информации на социјалните мрежи и преку други канали и особено да не зборуваат за терористички напад“.
Нема информации за мотивите на напаѓачот.
Нападот се случи точно една недела по нападот во западниот германски град Солинген, во кој напаѓач со нож уби три лица, а рани осум. Осомничениот, 26-годишен Сириец, е приведен. Терористичката организација Исламска држава (ИД) ја презеде одговорноста за нападот во Солинген, но германските власти се уште истражуваат дали ИД навистина стои зад нападот.