Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Западот ги прогонува руските новинари, неколку дена откако Москва им забрани на десетици американски новинари да влезат во Русија, објави Ројтерс.
„За да се скрие од неповолните факти и од вистинити информации, Западот, кој се смета за стандард на слободата, започна отворено да ги прогонува руските дописници“, рече Путин во изјавата објавена во монголскиот весник „Онодор“ пред посетата на рускиот лидер Монголија.
Изјавата на Путин беше објавена откако Москва во средата соопшти дека им забранува на 92 американски државјани, вклучително и новинари и адвокати, да влезат на руска територија поради, како што вели Москва, русофобната политика на Вашингтон, забележа Ројтерс.
Ројтерс, исто така, истакна дека изјавата доаѓа по неколкугодишни репресии на Кремљ врз независните медиуми и блокирање на несогласувачките гласови во руските медиуми по инвазијата на Украина од страна на руските сили во 2022 година.
Путин рече дека медиумите се слободни во Русија.
„Единствениот услов за нив е да се усогласат со руското законодавство. Странските дописници кои се акредитирани во нашата земја мора да бидат свесни за тоа“, посочува рускиот претседател.
Русија често ги обвинува западните земји дека наметнуваат нефер ограничувања за нејзините медиуми во странство, забележува Ројтерс.
Во изјавата на Путин за монголскиот весник се вели и дека руските новинари се соочуваат со „директна цензура“ во речиси сите западни земји.
„Единственото нешто што го прават нашите медиуми е убедливо да го презентираат руското гледиште за актуелните проблеми на нашето време и за процесите што се случуваат во светот“, рече Путин.