Најновата експедиција која стигна до остатоците од легендарниот брод Титаник, забележа последици од бавното пропаѓање, односно распаѓање на дел од бродот на дното на Атлантикот. На претходните снимки било забележано дека врвот на бродот и оградата биле целосни, а сега дел е одвоен.
Имено, во текот на ова лето, подводни роботи забележале промени на аголот на иконскиот брод кој потонал во април 1912 година откако удрил во санта мраз. 1.500 луѓе загинаа во трагичната несреќа, овековечена во неколку филмови.
„Кога ќе помислите на Титаник, веднаш сите помислуваат на аголот кој е на врвот на бродот. Не е како порано“, изјави Томасина Реј од RMS Titanic Inc, која ја водеше експедицијата.
„Ова е само уште еден потсетник за бавното влошување што се случува секој ден. Луѓето секогаш не прашуваат колку долго ќе трае Титаник на морското дно. Засега немаме одговор“, додаде таа.
Тимот верува дека оградата паднала во одреден момент во последните две години.