Најмалку 11 лица, меѓу кои пет ученици, загинаа кога училишен автобус влетал во толпа луѓе во кинеската провинција Шандонг. Дванаесет лица се повредени, но во стабилна состојба, а едно лице е во критична состојба.
Се чини дека автобусот удрил во ученици и родители додека стоеле пред училишните порти во градот Таиан, јавува Би-Би-Си.
Возачот „изгубил контрола“ над возилото, според државните медиуми, и бил приведен додека полицијата ги истражува причините за инцидентот. Не е јасно дали инцидентот бил намерен.
„Вкупно 11 лица (вклучувајќи шест родители и пет ученици) се убиени досега“, потврдија кинеските државни медиуми откако автобусот удри во група родители и деца на страната на патот.
Слики и видеа од инцидентот се споделени на социјалните мрежи, на кои се гледаат луѓе заробени под возилото. На видеата има многу крв, а луѓето лежат на патот. Ве предупредуваме, снимката е навистина вознемирувачка, поради што нема да ја објавиме.
Инцидентот се случи само неколку дена откако учениците се вратија на училиште за почетокот на новата учебна година.