Белата куќа соопшти дека последниот американски предлог за прекин на огнот во Појасот Газа вклучува повлекување на израелската армија од густо населените области долж коридорот Филаделфија, на границата меѓу палестинската енклава и Египет, што Тел Авив, наводно, го прифатил.
„Самиот договор, вклучително и предлогот за премостување, вклучува отстранување на израелските одбранбени сили од сите густо населени области во првата фаза и тоа ги вклучува тие области долж и по тој коридор“, рече советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби на брифинг за медиумите.
Тој истакна дека Израел се согласил со овој договор, но не појасни дали САД поддржуваат престој на израелски војници во помалку населените области долж коридорот Филаделфија за време на шестнеделната прва фаза од договорот, пренесува „Тајмс оф Израел“.