Шведската полиција денес соопшти дека тинејџер бил застрелан во обид за убиство во училиште во близина на Стокхолм и дека осомничениот е приведен.
Жртвата е пренесена во болница, додаваат од полицијата.
„Повредениот е свесен и можеше да зборува кога полицијата пристигна на местото на настанот“, додаваат тие во соопштението, пренесува Ројтерс.
Според шведските медиуми, злосторството наводно се случило во училишниот тоалет.
Едно лице е уапсено поради сомнение за обид за убиство.
„Не бараме повеќе сторители и немаме повеќе повредени“, изјави Хелена Бостром Томас, портпарол на полицијата.
Областа околу училиштето е опкружена.
„Го истражуваме местото на злосторството и разговараме со сведоци кои можеби виделе нешто“, додаде таа.
Засега нема информации што му претходело на пукањето.