Уште еден истакнат партиски фунционер и акитивист на ВМРО-ДПМНЕ доби функција во новата влада.
Владата, на седницата одржана минатиот вторник, одлучила да отвори три нови позиции за национален координатор. Според одлуката објавена во Службен весник, отсега ќе има национални координатори и за демографија, млади и човечки ресурси, за локална самоуправа и за безбедност на храна. Укината е позицијата национален координатор за кохезија.
За национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси, владата го назначи долгогодишниот пратеник од ВМРО-ДМПНЕ, Владимир Ѓорчев.
Тој ги промовира политиките за зголемен наталитет и многудетни семејства, а често ја критикуваше претходната власт за намалување на населението.
По долги години исклучиво политички ангажман, во 2021 година, Ѓорчев најави дека ќе се посвети на својата маркетинг-фирма.
Лилјана Затуроска, пак, е именувана за национален координатор за локална самоуправа. Таа беше пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ во неколку парламентарни состави до 2020 година. Додека претседател на партијата беше Никола Груевски, Затуроска беше и претседателка на Унијата на жени.
И нејзината сопартијка Верче Мицевска е именувана за национален координатор на истата владина седница. Таа работи во Агенцијата за храна и ветеринарство, а ќе ги координира работите поврзани со безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика.
Досега, владата ги назначи и Павле Трајанов за национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, Блерант Рамадани за национален координатор за примена на нови технологии и Солза Грчева за национален координатор за реформи во високото образование