Во областа Острогожск, во руската област Воронеж, дошло до пожар и активирање на експлозивни направи по напад со дрон. Во тој округ е прогласена вонредна состојба и властите ги евакуираат жителите на едно село, јавува руската државна новинска агенција РИА Новости.
Гувернерот на регионот Воронеж, Александар Гушев, на Телеграм објави дека жителите на едно село привремено се евакуираат со автобуси во неколку околни населби. Тој истакна дека на жителите им биле издадени прецизни упатства за евакуација.
Almacén de municiónes Ruso en Voronezh. pic.twitter.com/Mee2dbUOPU
— cabeço (@MiguelA06688225) September 7, 2024
Се повикува населението да ги почитува безбедносните мерки
Службите за итна помош и локалните власти работат на местото на настанот. Според првите информации нема повредени цивили. На социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледаат огромни пламени јазици и густ чад, а се слушаат и детонации.
Гушев ги повика локалните жители да се придржуваат до мерките за безбедност, советувајќи ги да не се приближуваат до местата на пожарот и да ги пријават сите сомнителни предмети во службите за итни случаи наместо да ги допираат.
Гувернерот најави дека проценката на штетите ќе биде можна дури откако ќе престанат детонациите и ќе се изгасне пожарот. Русите тврдат дека пожарот избувнал откако соборениот украински дрон паднал врз експлозивни направи и предизвикал дополнителни детонации.