Сириските државни медиуми објавија дека 16 лица биле убиени во израелските напади во текот на ноќта, додека Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Обединетото Кралство соопшти дека билансот на загинатите е 25. Во меѓувреме, Иран негираше каква било поврзаност со објектот што наводно бил цел на израелскиот напад.
Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека меѓу загинатите има „пет цивили, четворица војници и разузнавачки персонал и 13 Сиријци кои работат со проирански групи“. Се додава дека уште три жртви не се идентификувани.
Сириската државна новинска агенција јави дека загинале 16 лица.
Гардијан наведува дека овие бројки се уште не се независно потврдени.
Како што јави Ал Џезира, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи ги отфрли извештаите на израелските медиуми дека објектот што бил цел на нападот е поврзан со Иран.
„Она што го објавија официјални извори од сириската влада е дека имало напади врз некои сириски објекти, вклучително и напад врз истражувачки центар поврзан со Министерството за одбрана и сириската армија“, изјави Насер Канани за новинарите на прес-конференција.
„Најостро ја осудуваме оваа криминална агресија“, додаде тој.
Претходно, два регионални разузнавачки извори за Ројтерс изјавија дека цел на нападот бил голем воен истражувачки центар за производство на хемиско оружје лоциран во близина на Мисјаф, кој наводно бил погоден неколку пати. Израелските медиуми соопштија дека се верува дека во него биле сместени тим од ирански воени експерти вклучени во производството на оружје.