На лондонскиот пазар цената на нафтата минатата недела потона за речиси 10 отсто, спуштајќи се на најниските нивоа од крајот на 2021 година, бидејќи трговците стравуваат дека бавниот раст на светската економија ќе ја ослаби побарувачката за „црното злато“.
На лондонскиот пазар цената на барелот потона минатата недела за 9,8 отсто, на 71,06 долари, што е најниско ниво од декември 2021 година.
На американскиот пазар, пак, цената на барелот падна за 8 отсто, на 67,67 долари, што е најниско ниво од јуни 2023 година.
По падот на цената на нафтата во август, нивниот негативен тренд продолжи и на почетокот на септември, бидејќи трговците се загрижени поради забавувањето на растот на најголемите светски економии, поради што слабее побарувачката за „црното злато“.
Сите најнови податоци покажуваат дека растот на американската економија забавува, а кинеската економија исто така не расте толку брзо како што очекуваа аналитичарите на почетокот на годината.
Економијата на еврозоната исто така бавно расте.
Затоа ниту најавите за намалување на каматните стапки од страна на американските и европските централни банки во септември не ги охрабрија трговците.
Додуша, пониската цена на парите треба да го поттикне растот на економиите, а со тоа и побарувачката на нафта, но овој тренд нема да се случи толку брзо, а во меѓувреме ситуацијата може да се влоши.
Во таков економски амбиент, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините партнери одлучија да го одложат зголемувањето на производството, што го најавија пред летото за последниот квартал од оваа година.
Деветчлената група производители од почетокот на октомври требаше да го зголеми производството за нешто повеќе од 180 илјади барели дневно.
„Загриженоста за кинеската и американската економија, еродираното влијание на групата производители (ОПЕК+) на пазарот и нивниот изобилен резервен капацитет… имплицираат дека цените би можеле дополнително да се намалат и дека потенцијалот за нивен раст е помал отколку пред еден месец“, објаснува Тамас Варга од ПВМ.
Поради сето ова, аналитичарите на Bank of America ја намалија проценката на цената на барелот на лондонскиот пазар во втората половина од годината од речиси 90 на 75 долари.