Мостот Карола ненадејно се урна среде ноќ во германскиот град Дрезден.
Делови од мостот, кој го поврзува историскиот стар град со новиот град, паднале во реката Елба. Постојат наводи за потенцијална опасност од уривање на други делови од мостот, пренесува „Билд“.
Граѓаните сведочат дека слушнале силен тресок околу три часот по полноќ.
„Слушнав огромна врева која ме разбуди. Не можев да видам ништо во мракот, а потоа слушнав сирени“, изјави жителот Хендрик Пач за „Билд“.
Мостот Карола е еден од најзначајните мостови во Дрезден. Тој беше уништен во Втората светска војна и повторно изграден како автомобилски мост со четири ленти за време на Германската Демократска Република (ГДР).
Според „Билд“, три сегменти од мостот се во водите на Елба. Службите за итни случаи ја опколија целата област околу мостот Карола и самиот мост.
„Добивме пријава во 3:01 часот, мостот веќе беше во реката Елба. За чудо, нема повредени“, изјави портпаролот на полицијата за „Билд“.
Службите за итни случаи претпоставуваат дека постои акутен ризик од колапс на преостанатите делови.
„Очекуваме дека нови делови од мостот би можеле да се урнат“, изјави портпаролот на противпожарната служба на местото на настанот во средата наутро.