Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денес во Киев најави дека Украина ќе добие нова помош вредна над 700 милиони долари, со цел зајакнување на украинската енергетска мрежа, која постојано е цел на руски напади во пресрет на очекуваната тешка зима.
На прес-конференција со министрите за надворешни работи на Украина и Велика Британија, Андриј Сибиг и Дејвид Лами, Блинкен рече дека помошта вклучува хуманитарна поддршка и плаќање на трошоците за операциите за деминирање.
Дел од пакетот е поддршка за енергетскиот сектор – 325 милиони долари ќе бидат испратени во Украина за поправка и реновирање на капацитетите за производство на електрична енергија, за обезбедување резервна енергија во итни ситуации и за зајакнување на физичката безбедност на енергетската инфраструктура.
Околу 290 милиони долари се наменети за храна, вода, засолништа и програми за здравствена заштита и образование, како за Украинците на кои им е потребна помош во земјата, така и за бегалците надвор од државата.
Останатиот дел од помошта – 102 милиони долари, ќе биде наменет за отстранување на мините.
Кон крајот на минатата недела, САД објавија дека и испраќаат на Украина вооружена помош во вредност од над 250 милиони долари, која вклучува противвоздушни ракети и артилерија.