Австралија објави дека ќе ги казни интернет платформите до пет отсто од нивниот глобален приход затоа што не го спречиле ширењето на дезинформации, пренесува Ројтерс.
Владата очекува да ги принуди платформите да усвојат правила за дејствување за да се спречи ширењето на лажни информации, кои ќе треба да бидат одобрени од регулаторите.
Доколку, пак, не го задоволат регулаторното тело, регулаторот ќе си постави свои стандарди, а потоа ќе ги казни оние што не ги почитуваат.
Мерките ќе бидат претставени во парламентот, а се насочени кон лажни информации кои му штетат на изборниот процес или на јавното здравје, повикуваат на прогон на ранливите групи или им наштетуваат на луѓето или претставуваат закана за инфраструктурата и работењето на службите за итни случаи.
Компанијата „Мета“, која е сопственик на „Фејсбук“, веќе објави дека ќе ја блокира содржината на вестите доколку треба да плати авторски права за неа.
Порано Twitter, денешниот X, ги отстрани повеќето регулативи за содржината откако беше преземен од милијардерот Илон Маск во 2022 година.
„Лажните информации и дезинформациите претставуваат сериозна закана за безбедноста и благосостојбата на Австралијците, како и за нашата демократија, општество и економија“, рече министерката за комуникации Мишел Роланд.
Таа нагласи дека четири петтини од Австралијците сакаат да се борат против дезинформациите.