Оливера Наковска-Бикова, македонската спортистка го освои 8-то место во Воздушен пиштол – 10 метри на Параолимписките игри 2024 во Париз.
Оливера во квалификациите го освои петтото место со резултат од 558 кругови. Таа заврши како шестопласирана, меѓутоа иранката Шахи беше дисквалификувана заради контрола на оружје, не држеше доволно тежина нејзиниот пиштол.
„Беше магливо утро, студено, пиштолот на Оливера испалуваше на секој втор куршум, ништо не ни беше погодено како треба, на стартот во првата серија Оливера имаше неколку грешки, подоцна влезе во ритам, меѓутоа нервозата од неиспалените куршуми кои беа во се поголем број се повеќе и го одземаа времето за настап и снагата за кревање на пиштолот, а за фокусот на изведба на истрел и да не правиме муабет. На крајот, миксот на несакани работи придонесе конечниот пласман во ова дисциплина да биде каков што е. Искрено очекувавме уште едно финале на Оливера, хет-трик, уште една можност за борба за медал, затоа што токму во ова дисциплина пред две години таа стана светска шампионка и ја освои квотата за учество на игрите во Париз 2024, но за жал, за само 7 кругови таа желба не ни се исполни“ – информира од Париз, тренерот на македонската репрезентација, Бранимир Јовановски и додаде:
„Како личен тренер на Оливера и како претседател на Параолимпискиот комитет на Северна Македонија, сакам да и упатам честитки на Оливера за нејзината упорност, борбеност и достојно презентирање на Македонија, не само на овој натпревар, туку и за време на сите нејзини настапи во другите дисциплини, официјални и неофицијални тренинзи. Честитки и до целиот параолимписки тим за подршката и грижата се да помине во најдобар ред“.