Поранешниот американски претседател и републикански кандидат Доналд Трамп изјави дека САД не треба да се вклучат во воен конфликт со Русија и дека секој глас за неговата противкандидатка, Камала Харис, е всушност глас за војна со Москва.
На предизборниот митинг во Лас Вегас и на социјалната мрежа Truth Social, Трамп предупреди дека „гласањето за Харис значи поддршка за враќање на воениот рок во САД“.
„Со гласањето за Камала Харис, гласате за војна со Русија. Дали некој навистина сака војна со Русија? Ако е неопходно, ќе го направиме тоа. Но, подобро е да се избегне. Гласот за мене е глас за просперитет и мир,“ нагласи Трамп.
Тој повторно најави дека ќе се заложи за завршување на војната во Украина ако биде избран за претседател.
Трамп досега повеќепати изјавил дека конфликтот во Украина не би се случил ако бил реизбран за претседател во 2020 година, и дека доколку се врати во Белата куќа, ќе постигне мир за 24 часа.