Американецот Рајан Весли Раут (58), кој беше уапсен по инцидентот на Флорида што ФБИ го истражува како обид за убиство на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, се појави пред федералниот суд во Вест Палм Бич, Флорида, пренесува Си-Ен-Ен.
Според „Њујорк пост“, Раут, кој потекнува од Северна Каролина, често споделувал политички коментари на социјалните мрежи. Во април, на платформата Икс, тој напиша дека „демократијата е на гласање“ оваа година и изрази став дека „не можеме да изгубиме“, повторувајќи ја реториката против Трамп.
Раут изразил разочараност од Трамп како претседател, тврдејќи дека „сака да ги направи Американците робови“. Тој напиша дека „не можеме да си дозволиме да губиме“ и дека светот очекува од нас да покажеме патот. Од 2019 година, Раут донирал средства на демократските кандидати 19 пати.
На социјалните мрежи, Раут ја поддржува Украина во нејзината борба против Русија и Тајван во неговите односи со Пекинг. „Њујорк пост“ додава дека Раут имал намера да се бори со украинските сили на фронтот и ја промовирал идејата за мобилизирање поранешни авганистански борци за поддршка на Украина.
Раут беше уапсен во неделата по што побегна, откако агенти на тајната служба отвориле оган врз него кога тој вперил полуавтоматска пушка кон голф-клубот на поранешниот претседател Доналд Трамп во Вест Палм Бич, додека Трамп играл голф. Републиканскиот претседателски кандидат не е повреден и е безбеден, соопшти полицијата, а ФБИ го истражува инцидентот како обид за убиство.