Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека е јасно дека животот на американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп е во опасност додека не победи на изборите.
– Јасно е дека животот на претседателот Трамп е во опасност, до неговата победа. Се молиме за вас, господине претседателе! – напиша Орбан на платформата Х.
Федералното истражно биро /ФБИ/ синоќа соопшти дека го истражува пукањето во близина на теренот за голф на Трамп на Флорида и дека случајот се третира како обид за убиство на поранешниот претседател.
Американската тајна служба потврди дека нејзин агент отворил оган врз вооружен маж на терен за голф.
Првичните информации беа дека две лица пукале меѓу себе и немало индикации дека инцидентот има врска со Трамп.
По пукањето, осомничениот е приведен за убиство во обид, а оружјето е одземено.
Весникот „NY Post“ вечерва, повикувајќи се на полициски извори, објави дека две лица пукале меѓусебно недалеку од голф-клубот на Трамп во Вест Палм Бич, Флорида, но дека Трамп не е во животна опасност.
Инцидентот се случил кога Трамп веќе го напуштил клубот.
Трамп беше ранет во обид за атентат во Пенсилванија на 13 јули.